Утрински Весник
Култура

Изложба „Космички пејзажи 2“ на Дејан Иванов – Маргуш во Софија

Изложбата „Космички пејзажи 2“ на македонскиот ликовен уметник Дејан Иванов – Маргуш ќе биде претставена пред софиската публика на 15 јуни (среда) 2022, со почеток од 18:00 часот. Изложбата од околу 20 ликовни дела ќе ја исполни концертната сала на музеј-куќата на Борис Христов, а самата изложба ќе биде отворена во присуство на авторот.

Ликовните дела, кои беа создадени пред пандемијата од Ковид-19, во 2019 и 2020 година беа претставени во град Пловдив. Неговите апстрактни, импулсивни и богати колористички дела, насликани со користење на акрилни бои и со комбинирање на дополнителни материјали за засилување на колористичката вибрација, сега ќе можат да се видат и од публиката во главниот град на Бугарија, Софија.

Изложбата во Музеј „Борис Христов“ во Софија ќе остане отворена за посетителите до 30 јуни 2022 година.

Дејан Иванов – Маргуш е роден во Скопје 1979 година. Дипломирал на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје 2005 година, во класата на проф. Јован Шумковски и проф. Рубенс Корубин.

Свои самостојни изложби има претставено во повеќе градови низ Северна Македонија, а исто така изложувал и во Србија, Германија и Бугарија. Учествувал на многу групни изложби во Северна Македонија, Србија, Хрватска, Чешка, Франција и САД.

Во својата биографија бележи три награди од групни претставувања, како и многубројни учества во колонии во Северна Македонија и надвор од неа.

Член е на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија од 2005 година, а подоцна станува и негов секретар.

Текстот Изложба „Космички пејзажи 2“ на Дејан Иванов – Маргуш во Софија е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“