Германскиот канцелар, Олаф Шолц, пристигна во еднодневна официјална посета на нашата држава.
Шолц, чиј домаќин ќе му биде премиерот, Димитар Ковачевски, на аеродромот во Скопје беше пречекан од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што информираат од владината прес-служба, во делегацијата на канцеларот Шолц се највисоките државни советници на надворешна и безбедносна политика, за економија и финансии, за европска политика, како и новоизбраниот специјален пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Канцеларот и неговата делегација на платото пред Владата ги пречека премиерот Ковачевски, со церемонија за пречек со највисоки државни и воени почести.
Во составот на нашата делегација се вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
Според агендата за официјалната посета на канцеларот Шолц, веднаш после церемонијата на пречекот е предвидена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатералната средба на членовите на двете делегации.
Официјалната посета на Шолц ќе заврши со заедничка прес-конференција со нашиот премиер.