Утрински Весник
Свет

Косово до крајот на годинава ќе побара кандидатски статус во ЕУ

Косовскиот премиер, Албин Курти, денеска најави дека Приштина до крајот на годинава ќе аплицира за кандидатски статус за ЕУ, за време на средбата со германскиот канцелар, Олаф Шолц, кој е во прва посета на Западен Балкан.

„Европа е нашата судбина, Европа е нашата иднина“, рече Курти на заедничката прес-конференција.

„Сакаме кандидатски статус за ЕУ и ќе аплицираме до крајот на годината“, додаде Курти.

Косово прогласи независност во 2008 година и мнозинство од земјите на Европската унија ја признаваат независноста, но не и Србија, Русија и Кина, што го спречува влезот во ОН.

Нормализацијата на односите останува главна пречка на европскиот пат на Приштина, но и на Белград, и покрај долгогодишниот дијалог под покровителство на Европската унија. Германскиот канцелар Шолц повика на помирување.

„Она што е важно за Косово е дека дијалогот меѓу Косово и Србија, под Европската унија, напредува“, рече Шолц.

Двете страни мора да најдат политичко решение со глобален и траен договор што ќе придонесе и за регионалната стабилност, додаде Шолц, нагласувајќи ја потребата од борба против влијанието на Русија на Балканот.

Можете да прочитате

Трамп објави царини од 30 отсто за Мексико и Европската Унија

Лавров се сретна со севернокорејскиот лидер

Откриена причината за падот на авионот на „Ер Индија“