Утрински Весник
Свет

Мексикански црковен водач осуден на 16 години затвор, сексуално злоставувал малолетни девојчиња

Насон Хоакин Гарсија, водач на евангелистичката организација Светлина на светот, основана во Мексико, во средата беше осуден на шеснаесет години и осум месеци затвор за сексуално злоставување на три девојчиња во Калифорнија.

Насон Хоакин Гарсија (53) се изјасни за виновен за злосторството минатата недела.

Тој беше уапсен во Калифорнија во 2019 година за злосторства што ги извршил помеѓу 2015 и 2018 година додека бил водач на Светлината на светот, меѓународна верска организација со седиште во Мексико, која вели дека има 5 милиони следбеници ширум светот.

Водачот и двајцата сообвинети, кои исто така се изјаснија за виновни за сексуално злоставување на девојчињата, се обвинети дека ги принудувале жртвите на секс, велејќи им да се спротивстават на самиот Бог, доколку не ги исполнат желбите на „апостолот“, како што го нарекоа Гарсија.

Верскиот водач долго време ги негирал делата, но на крајот се договорил со обвинителството да се изјасни за виновен за силување на две малолетници и сексуално злоставување на 15-годишно дете.

Пред изрекувањето на пресудата за Гарсија во средата, судијата Роналд Коен им се извини на жртвите, од кои многумина сакаа да сведочат на судењето, и побара највисока можна казна за силувачот.

– Рацете ми се врзани. Но, светот ве слушна, рече Коен, нарекувајќи го осуденикот „сексуален предатор“.

„Заслужувате вечно да останете во затвор, но и тоа не е доволно“, рече една од жртвите во изјавата прочитана на судењето.

– Ја изгубив вербата поради него. Тој ме искористи мене, мојата невиност и вербата во Бога – додаде друг.

Во соопштението на шпански јазик објавено на Твитер по изрекувањето на пресудата, организацијата го обвинува судот дека „фабрикувал“ докази против Гарсија и му го ускратил правото на правично судење.

Тој тврди дека „немал друг избор освен да се согласи на спогодба“ и да ја признае вината, што е „најдобар начин да се заштити Црквата и неговото семејство“.

– Нашата доверба во него ни најмалку не е нарушена со познавањето на неговата чесност, однесување и работа – истакнуваат од организацијата,пренесуваат агенциите.

Можете да прочитате

Израел до цивилите во јужен Либан: Не се враќајте дома до следното известување

Путин го разреши Анатоли Антонов од функцијата руски амбасадор во САД

Фон дер Лајен ќе ја посети Молдавија за да покаже поддршка пред референдумот за членство во ЕУ