Утрински Весник
Свет

Свечена поворка по улиците на Лондон, се славеше платинестиот јубилеј на кралицата

Британската кралица Елизабета Втора денеска накратко се појави на балконот на Бакингемската палата и ги воодушеви насобраните за време на последниот ден од прославата на платинестиот јубилеј, како дел од нејзините 70 години на тронот.

Покрај неа беа принцот Чарлс и Камила и војводата и војвотката од Кембриџ со нивните три деца, пренесе Би-Би-Си.

Британската кралица се насмевнала и им мавнала на собраните пред палатата, пред да влезе внатре.

Елизабета Втора (96) не можела да се појави на настаните кои и се организирале во петокот и саботата бидејќи последните месеци имала проблеми со движењето.

Воени оркестри, танчери, различни изведувачи и познати личности денеска продефилираа низ улиците на Лондон за да го одбележат платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета.

Се проценува дека за време на платинестиот јубилеј се одржале 16.000 улични забави низ Велика Британија, а уште 600 ширум светот, во Канада, Бразил, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Африка, пренесува Танјуг.

Одбележувајќи различни децении од владеењето на кралицата, играчите, облечени во костуми од 1950-тите, танцуваа на булеварот што води до Бакингемската палата, додека возачите на „мини морисот“ ги носеа знамињата на Обединетото Кралство и дуваа сирени, објави Ројтерс.

Стотици илјади поддржувачи на кралското семејство излегоа на улиците за да присуствуваат на спектаклот и да уживаат во пикник, првиот голем национален државен празник од почетокот на пандемијата Ковид.

Меѓу јавните личности, на денешната парада учествуваа пејачот Ед Ширан, поранешниот фудбалер Гери Линекер, манекенката Кејт Мос, тркачот Мо Фара.

Поворката тргна по слична рута по која Елизабета тргна на денот на нејзиното крунисување во 1953 година.

Можете да прочитате

Поранешен фудбалер на Валенсија го загуби животот во поплавите во Шпанија

Се урна дел од Железничката станица во Нови Сад – има повредени

Трагедија во Грција: Почина тригодишното дете што беше застрелано