Топспорт во Гибралтар,
Никола Ѓуровски
Фудбалската репрезентација на Македонија го совлада Гибралтар на гости со 0:2, во вториот натпревар од Лигата на нации. Стрелци на голот беа капитенот Енис Барди во 21.минута од мечот и Бобан Николов во 84.минута.
Нашиот национален тим имаше доминација, а во осмата минута Милан Ристовски со удар од 14 метри ја погоди гредата од голот на Гибралтар.
Десет минути одлична шанса имаше и Гибралтар. Висар Муслиу направи грешка, сакаше да ја врати топката назад кон голманот Дени Илиев, а го проигра Валарино. Сепак, тој не успеа да погоди од изгледна позиција.
Македонија поведе со голот на Енис Барди во 21.минута. По корнерот од левата страна, Барди се одлучи на шут од 12 метри го совлада голманот на Гибралтар.
Во 40.минута, Стефан Спировски упати силен удар од далечина, но домашниот голман одбрани.
Во второто полувреме, Македонија продолжи рутински, а вториот гол беше дело на Бобан Николов во 84.минута. Доријан Бабунски додаде со петица во шеснаесетникот, а Бобан Николов умешно погоди крај домашните дефанзивци.
ГИБРАЛТАР – МАКЕДОНИЈА 0:2 (0:1)
Стадион „Викторија“ во Гибралтар. Гледачи: 1.500. Судија: Алан Дуро (Луксембург). Стрелци: Барди 21′, Николов 84′ (Македонија). Ж. картони: Да. Бабунски (Македонија).
ГИБРАЛТАР: Колеинг, Џоли, Вајсман, Брито, Торилја, Лопес, Анесли, Оливеро, Вокер (87′ Поцо), Валарино (78′ Касијаро), Стич (65′ Хумбс).
МАКЕДОНИЈА: Илиев, Тодороски, Муслиу, Серафимов, Алиоски (65′ Ашковски), Барди, Спировски (46′ Ристевски), Николов, Елмас (65′ Да. Бабунски), Трајковски (57′ Миовски), М. Ристовски (57′ До. Бабунски).
> Барди и Николов донесоа победа против Гибралтар <