Германија ќе купи 60 товарни хеликоптери Chinook од Боинг за да ја замени својата застарена флота од хеликоптери CH-53, рече германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт.
„Со овој модел ја зајакнуваме нашата способност за соработка во Европа“, рече Ламбрехт во обраќањето пред Бундестагот.
Според претходните планови, требаше да бидат набавени од 45 до 60 тешки хеликоптери за околу четири милијарди евра, кои требаше да бидат испорачани меѓу 2023 и 2029 година. Војската има буџет од околу 100 милијарди евра.
Германската војска ги користи хеликоптерите CH-53 на Сикорски од 1970-тите и планира постепено да ги исфрли до 2030 година.
Хеликоптерите Chinook се користат за транспорт на возила, опрема и луѓе по воздушен пат. Министерството го избра моделот за да ја олесни соработката со сојузниците во НАТО, бидејќи хеликоптерите ги користат Холандија, Шпанија, Велика Британија, Италија, Грција, САД, Канада и Турција.