Утрински Весник
Свет

Макрон и Шолц со Путин разговараа за извозот на жито, го повикаа на преговори со Киев

Русија е подготвена да помогне во непречен извоз на жито од Украина, порачал рускиот претседател Владимир Путин во разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, но прекинот на руската блокада на пристаништата го условил со укинување на санкции од страна на Западот.

„Русија е подготвена да помогне во изнаоѓањето начини за непречен извоз на житарки, вклучително и украински житарки од пристаништата на Црното Море“, се вели во соопштението на Кремљ.

Путин предупреди на опасноста од западните испораки на оружје за Украина и за дополнително дестабилизирање на ситуацијата.

„Рускиот претседател укажа на опасната природа на продолжувањето на големите испораки на западно оружје за Украина, предупредувајќи на ризиците од натамошна дестабилизација на ситуацијата и влошување на хуманитарната криза“, се вели во соопштението на Кремљ по телефонскиот разговор.

Шолц и Макрон го повикаа Путин да започне „сериозни директни преговори“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

За време на осумдесетминутниот телефонски разговор со рускиот претседател, Макрон и Шолц „инсистираа на итен прекин на огнот и повлекување на руските војници“.

Според соопштението на германската влада, Макрон и Шолц „го повикале рускиот претседател на сериозни директни преговори со украинскиот претседател и за дипломатско решение на конфликтот“.

Можете да прочитате

Амазон ќе затвори 16 илјади работни места

Градоначалникот на Минеаполис одбива полициска соработка во акции против имигранти

САД започнуваат технички разговори со Данска и Гренланд за интересот на Трамп