Утрински Весник
Култура

Театарoт „Златен Елец“ со претставата „Грета“ гостува во Битола и Штип

Театарот „Златен Елец“ од Скопје гостува со претставата „Грета“ на 25 мај (среда) со почеток во 20 ч. во НУ Народен театар Битола, а на 26 мај (четврток) со почеток во 20 ч. во Народен театар Штип.

Претставата е работена според текстови на Луц Хибнер и Јохан Волфганг фон Гете, режисерка е Тамара Стојаноска, а играат Димитрина Мицкоска и Ане Блажовски. Музиката е на Лука Тошев, вокал Дина Јашари. Дизајнер на плакат, маски и потрети е Бојана Цилевска, изработка на сценографија Слободан Петрушевски, а продуцент на претставата е актерот Бобан Алексоски.

„Со ‘Грета’ раскажуваме приказна за театарот, за создавањето на театарски светови, за пробата и процесот, за актерите како душата на театарот, за односите на театарските уметници во еден процес. Ситуациите и ликовите што се претставени се модели земени од театарскиот свет, ликови кои што на сите театарџии ќе им бидат многу блиски и познати, а за оние кои не се во оваа професија, ова ќе биде како ѕиркање во една театарска приказна која што преку комични ситуации ќе води низ процесот на создавањето на една претстава. Сите ликови се обични луѓе со различни погледи, методи, принципи и поинаква љубов кон театарот и животот воопшто. Низ претставата се прикажани осум различни концепти за култната сцена со кутијата на Грета од ‘Фауст’ и двајца актери кои што ќе зборуваат за својата професија, за магичните, но и за оние тешки моменти со кој се судира секој театарски уметник. Театарот постоел илјадници години и ќе продолжи да постои и покрај тешкото време во кое се наоѓа, бидејќи ова е повеќе од професија, ова е начин на живот, чудна моментална магија на сцена која што не се повторува исто двапати“, се наведува во соопштението на театарот „Златен Елец“ .

Во него се додава дека резервациите на билети во Битола може да се направат на тел. 047 552 244 или на билетарницата на Народен театар Битола, а во Штип на 070 933 002 или на билетарницата на Народен театар Штип.

Текстот Театарoт „Златен Елец“ со претставата „Грета“ гостува во Битола и Штип е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“