Утрински Весник
Економија

Германските пиварници предупредуваат на недостиг од пивски шишиња за летната сезона

Германските производители на пиво стравуваат дека би можеле да се соочат со недостиг на пивски шишиња, делумно поради зголемената цена на енергетски интензивниот процес потребен за нивно производство.

„Ќе почувствуваме недостиг најдоцна до лето“, изјави во средата Холгер Ајхеле, извршен директор на Здружението на германски пивари, додавајќи дека ситуацијата е екстремно напната.

Покрај трошоците за производство, недостатокот на возачи на камиони го отежнува одржувањето на синџирите за снабдување, рече тој.

„Пиварите без долгорочни договори треба да платат 80 отсто повеќе за нови стаклени шишиња отколку пред една година“, рече Аjхеле, додавајќи дека некои пиварници би можеле да останат без работа бидејќи наскоро може да снема шишиња.

Потрошувачите треба што поскоро да ги вратат празните шишиња во продавниците за да се олесни ситуацијата, рече тој.

Купувачите во Германија при купувањето плаќаат депозит на стаклени и пластични шишиња, кој се враќа кога шишињата ќе се вратат за повторна употреба.

Заменик-претседателот на Здружението на пивари Берлин-Бранденбург, Штефан Фриче, смета дека недостигот на шишиња главно ги погодил малите и средните пиварници.

„Тоа ја загрозува различноста на германскиот пазар на пиво“, нагласи тој.

Можете да прочитате

Избор на најуспешни жени менаџерки од земјава и регионот  

Ангеловска-Бежоска − Камер: Претпазливите политики на НБ клучни за одржувањето на макроекономската стабилност

Работна средба на Стопанската комора со раководството на „Македонија 2025“