Утрински Весник
Свет

Мора да го исполниме ветувањето за Западен Балкан и да го внесеме во ЕУ, вели шефицата на германската дипломатија

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, денеска, во пресрет на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ во Брисел, истакна дека ЕУ не само што мора да продолжи да го поддржува Западен Балкан, туку и да го исполни ветувањето дека ќе го внесе регионот во Унијата.

Во изјава за новинарите, Баербок рече дека поддршката за Западен Балкан ќе биде голема тема на денешната средба.

Таа посочи дека е познато дека особено Западен Балкан бил и останува изложен на притисок и влијание од Русија.

„Затоа е важно не само да продолжиме да даваме поддршка, туку и да го исполниме ветувањето што му го дадовме на регионот дека ќе го внесеме во ЕУ, со различни брзини, врз основа на напредокот“, рече таа.

Баербок подвлече дека од клучно значење е пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија да започнат на почетокот на летото, а на денешната средба ќе се направат подготовки.

„Ова е особено важно во овој момент бидејќи тоа е клучно безбедносно и геополитичко прашање“, нагласи таа.

Можете да прочитате

Истакнати Италијанки, вклучително и Мелони, жртви на онлајн скандал

Захарова: Гаѓаме само воени цели, украинската ПВО погодува цивилни објекти

Израел ја нападна Сана додека лидерот на Хутите држеше говор