Утрински Весник
Економија

Русија го прекина снабдувањето со електрична енергија за Финска

Рускиот извоз на електрична енергија во Финска е сведен на нула, покажуваат денешните податоци на финскиот оператор со системот за пренос на енергија „Фингрид“, откако руската компанија Интер РАО минатата недела најави дека ќе ги прекине испораките бидејќи Финска не ја платила сметката.

Според „Ројтерс“, Интер РАО во петокот објавила дека ќе го прекине извозот на електрична енергија во Финска на неопределено време од 1 часот по локално време во сабота, бидејќи сметката за електрична енергија продадена од 6 мај преку паневропската берза „Норд Пул“ не е подмирена.

Според податоците на „Фингрид“, испораките на руска електрична енергија за Финска рано во саботата паднале од 87 мегавати на нула.

Финскиот мрежен оператор во саботата изјави дека може да ги компензира руските испораки со купување на шведска електрична енергија и зголемување на домашното производство, а дека прекинот на руските испораки се должи на мерките за ограничување на плаќањата наметнати од западните земји.

„Поради овие ограничувања, плаќањата за испорачаната руска струја повеќе не може да се извршуваат. Затоа, суспензијата е повеќе последица, а не руска контрамерка“, соопштија од „Фингрид“.

Финскиот оператор, според чии податоци Русија учествува со околу 10 отсто во подмирувањето на вкупната потрошувачка на електрична енергија во Финска, минатиот месец објави дека се подготвува за можноста Русија да го намали снабдувањето со електрична енергија со ограничување на преносниот капацитет за една третина, додава британската агенција.

 

Можете да прочитате

СДСМ: Македонската економија тоне, Мицкоски фантазира за четврта економија во Европа

До крајот на месецов треба да биде познато какви мерки би се донеле за зголемувањето на цените

УЈП на средба со стопанствениците од Прилеп и со субјектите кои закупиле штандови за манифестацијата „ ПИВО-ФЕСТ 2025“