Александар Стојковски е новиот директор на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП).
Стојковски е дипломиран машински инженер на Машинскиот факултет во Скопје. Има над 20 години работно искуство, а на функцијата доаѓа како претходно вработен во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, на новиот директор му посакува успешна работа, да продолжи со досегашната успешна организациска поставеност на ЈСП, со грижата за вработените и да работи, пред сè, во служба на сите граѓани воспоставувајќи одлуки што ќе бидат во интерес за сите граѓани.
„ЈСП ‘Скопје’ ќе продолжи со сите расположливи средства и ресурси да го опслужува јавниот превоз во интерес на скопјани.
Уверени сме дека ќе продолжат домаќинското работење, оптимизацијата на трошоци и консолидирањето на претпријатието како еден од предусловите кон отпочнување на следната фаза до конечно исполнување на ветувањето на градоначалничката Арсовска за бесплатен јавен превоз.
Финансиската позитива во првото тримесечје од годинава, зголемувањето на приходите со над 60 отсто во споредба со минатата година, воведувањето бесплатен превоз за возрасните лица, бенефициите за лицата со попреченост, како и повторното функционирање на жичницата и ноќните линии, се доказ дека ветувањата се остварливи“, велат од Град Скопје.