Утрински Весник
Македонија

Пендаровски-Шаленберг: Институциите на ЕУ побрзо да овозможат отпочнување на пристапните преговори за Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски го прими Александер Шаленберг, сојузен министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, кој денеска престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија, во светло на надминување на предизвиците на европскиот пат, како и за политичко-безбедносните случувања во регионот и Европа.

Во контекст на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан, претседателот Пендаровски посочи дека е неопходно институциите на ЕУ да делуваат брзо во однос на политиката на проширување и да овозможат неодложно отпочнување на пристапните преговори за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција. Воедно, додаде тој, Северна Македонија ќе го продолжи дијалогот со Бугарија, со цел изнаоѓање на одржливо, разумно и достоинствено решение и деблокада на евроинтеграцискиот процес.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за континуираната и доследна поддршка од Австрија, еден од најблиските сојузници и партнери на регионот, којa гласно се залага за негово интегрирање во Унијата.

Во однос на руската воена агресија и безбедносните предизвици со кои се соочува Европа, соговорниците разменија мислења за политичките и економските мерки кои се преземаат како дел од заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и за хуманитарната помош и прифаќањето на бегалци од Украина.

На средбата беше истакнато дека блиските и пријателски односи меѓу двете земји се рефлектираат со конкретна соработка во повеќе области и изразија подготвеност за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и афирмирање на заеднички европски вредности со цел стабилност и просперитет на европскиот континент.

Можете да прочитате

Приведени 16 возачи, 11 од нив возеле без возачка дозвола

Вработен во „Македонски железници“ повреден од струен удар

За семејно насилство приведени шест лица