Италијанскиот премиер Марио Драги побара веднаш да започнат официјалните пристапни преговори меѓу Северна Македонија и Албанија со ЕУ, а побара и забрзување на преговорите со Црна Гора и Србија, јавуваат медиумите во регионот.
„Во време кога ЕУ го зајакна единството и ја поддржа Украина во борбата против руската офанзива, целосната интеграција на земјите кои покажуваат европски аспирации не претставува закана за европскиот проект, тоа е дел од неговата реализација“, изјавил Драги во говор во Европскиот парламент во Стразбур.
Тој, според извештаите на агенциите, кажал дека Италија го поддржува „итното отворање на преговорите за пристап во ЕУ со Албанија и Северна Македонија во согласност со одлуката донесена од Европскиот совет во март 2020 година“.
Драги изјавил: „Сакаме да им дадеме нов поттик на преговорите со Србија и Црна Гора и да покажеме поголемо внимание на легитимните аспирации на Босна и Херцеговина и Косово“.
Кажал дека го поддржува влезот на сите тие земји во ЕУ и сака пристапување на Украина.
„Треба да го следиме пристапниот процес што го воспоставивме, но и во тоа треба да дејствуваме што е можно поскоро“, потенцирал италијанскиот премиер.