Утрински Весник
Свет

Шефот на ОН во Бородјанка: Си го замислувам семејството, внуците како бегаат, војната е лудост

Војната во 21 век е лудило, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш по пристигнувањето во Бородјанка, предградие на Киев, каде Русите, според Украинците, извршиле злосторства за време на окупацијата на областа во март.

Гутереш, на кого ова му е прва посета на Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, оваа изјава ја даде на новинарите пред урнатините на станбените згради, придружуван од украински војници и локални лидери.

„Го замислувам моето семејство во една од овие куќи кои беа уништени и изгорени денес“, им рече тој на новинарите.

„Ги гледам моите внуци како бегаат од страв. Војната е лудост во 21 век, ниту една војна не е прифатлива во 21 век“, додаде тој.

Антонио Гутереш потоа го посети Буча, друго предградие на Киев, каде Русите, според обвинувањата на Украинците, извршиле воени злосторства. Тој попладне ќе се сретне со претседателот Володимир Зеленски.

Генералниот секретар на ОН пристигна во Украина во средата вечерта, по посетата на Москва, кога се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и ја повика Русија да соработува со ОН во евакуацијата на цивилите од бомбардираните области, особено во источна и јужна Украина каде сега е центарот на руската офанзива.

Можете да прочитате

Стигна првата реакција на Москва на ултиматумот на Трамп

Трамп ѝ се закани на Русија: Или примирје или нови посилни санкции

Зеленски го смени премиерот и предложи жена на премиерската функција