Утрински Весник
Македонија

Димитров: Радев кон Македонците користи наратив ист како оној на Путин кон Украина

Димитров: Радев кон Македонците користи наратив ист како оној на Путин кон Украина

Да се зборува за идентитетот на друг човек, а не па за идентитетот на друг народ, е дрско, безобразно и непристојно, вели во објава на социјалните мрежи, оранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

Неговиот став е поттикнат од денешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев кој рече дека македонскиот индентитет е фалсификат на комунистичката интернационала.

„Прашањето за идентитетот, во меѓународното право е внатрешно прашање. Тоа прашање може да го одговори само народот на кој се однесува прашањето и никој друг. Да се тврди дека нечиј идентитет е вештачки, фалсификат е неписмено“, одговара Димитров во својата објава.

Понатаму, поранешниот министер објаснува дека сите нации во светот се општествени творби, општествени конструкции.

„Резултат на конкретен и сложен сплет на историски настани и процеси. Бидејќи тука не се работи за гените, тука се работи за чувство на заедништво“, пишува Димитров.

Според него, изјавата дека Македонците се некаков фалсификат е навреда и говор на омраза.

„Тоа што оваа изјава доаѓа од државниот врв во Софија е врвен скандал. Изјавата очигледно е антимакедонска и непријателска. За да зборуваме за некаква антибугарска политика кај нас, треба да зборуваме за Бугарите. Ние немаме ама баш никакво барање кон Бугарија, освен да не’ почитува. Овде се работи за нас, ние сме предмет на изјавата, како што впрочем ние сме предмет и на антиевропскиот спор.

Таа се бави со македонскиот идентитет, го нарекува фалсификат на комунистичката интернационала. Ова е крајно опасен наратив, незамислив во демократска Европа. За жал, идентичен на наративот на Путин кон соседна Украина“, додава Димиртов.

Во објавата тој ги повикува пријателите и партнери од, како што вели, демократскиот свет да се одважат и да застанат јасно зад принципите што ги застапуваат.

„Светот меѓу другото ни е на ова дереџе токму поради молкот тогаш кога треба да се застане на страната на принципите. Вакви изјави и услови се срамни и недозволиви во европски рамки. Повикот ‘решете си го спорот’ легитимира и го разјадува и идентитетот на ЕУ“, смета поранешниот шеф на македонската дипломатија, според кого, оваа битка не е само за македонскиот идентитет, туку и за европскиот идентитет и образ.

Можете да прочитате

Мисајловски: Набавката на италијанските хеликоптери е во тек, тие ќе можат да дејствуваат и на пожарите

СДСМ: Матни зделки во енергетиката, зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи дали Алказар има одобрение за градба

Мицкоски: Двојно е зголемен буџетот за науката