Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека Словенија ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан и истакна дека во светлината на мирот и стабилноста, лидерите во регионот мора да внимаваат да не ја влошат ситуацијата со своите постапки. Пахор ова го изјави по денешната средба со српскиот колега, Александар Вучиќ.
„ Многу сум задоволен што српскиот претседател и пријател Александар Вучиќ одлучи првата странска земја што ќе ја посети по неодамнешните избори да биде Словенија“, изјави Пахор.
Тој рече и дека од почетокот на војната во Украина, ситуацијата на Западен Балкан е почувствителна.
„ Го поканив (Вучиќ) како двајца претседатели на пријателски земји да размениме мислења за ситуацијата во Западен Балкан и Европа, се со цел да се заштитат мирот и стабилноста на Западен Балкан“, изјави Пахор за новинарите.
Пахор рече дека со српскиот претседател разговарал и за војната во Украина.
„ Голема одговорност на државниците е да ја зајакнат економијата со своите постапки, да го зачуваат мирот и стабилноста. Тоа е важно и за европската интеграција на регионот“, изјави Борут Пахор.