Украинскиот парламент денеска усвои резолуција со која акциите на руската армија во Украина се квалификуваат како геноцид и ги повика државите и невладините организации да го сторат истото.
„Руските дејствија имаат за цел систематски и кохерентно да го збришат украинскиот народ, да му го одземат правото на самоопределување и независен развој“, се вели во текстот, кој беше прифатен со мнозинство од 363 гласа од вкупно 450 членови на Врховната Рада.
„Затоа, неопходно е веднаш да се препознаат акциите извршени од руските вооружени сили за време на агресијата што започна на 24. февруари 2022 година како геноцид врз украинскиот народ“, се вели во текстот.
Врховната усвои и закон со кој се забранува јавно истакнување на буквите Z и V.
Ова го соопшти пратеникот Јарослав Железњак. Како што наведе тој, законот забранува секаква пропаганда за рускиот режим и руските напади во Украина, пренесува агенцијата ТАСС.
Според документот објавен на веб-страницата на Врховната Рада, забрането е јавно прикажување на симболи поврзани со руските вооружени сили, вклучувајќи ги буквите Z и V и нивните еквиваленти во кириличното писмо.
Украинскиот парламент усвои и закон според кој странски државјани можат да работат во украинските разузнавачки служби и да служат во вооружените сили на Украина, изјави денеска пратеникот Алексеј Гончаренко.