Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес му беше домаќин на министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреску, кој престојува во официјална посета на земјата.
Една од централните теми на разговорите беа руската воена агресија во Украина и севкупните импликации на овој чин врз стабилноста и безбедноста на европскиот континент, вклучително и регионот на Балканот.
„Како земја кандидат, Република Северна Македонија во целост, или попрецизно 100 %, е придружена кон заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата вклучувајќи ги тука и сите мерки и санкции што Унијата ги наметнува кон Русија. Заедно со Албанија и Црна Гора, кои исто така имаат 100 % усогласеност по ова прашање со Унијата, се создава едно европско трио на земји на Балканот, кои во целост ја спроведуваат европската меѓународна агенда“, изјави Османи посочувајќи на важноста од прoцесот на европските интеграции на регионот, дополнително предизвикан од безбедносна закана.
„Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија не само што е правичен и заслужен туку во моментот претставува и потребен или неопходен чекор во насока на засилената улога на регионот во безбедносната архитектура на континентот“, посочи Османи.
Министерот изрази благодарност кон Романија за дадената помош при извлекувањето на нашите државјани од Украина: од користењето на безбедносните транспортни коридори, па сѐ до можноста да ги користиме конзуларни претставништва на Романија во југозападниот дел на Украина, од каде што нашите дипломати и конзуларни претставиници ги извлекуваа нашите граѓани.
За позитивната динамика во билатералните односи, зборува и потпишувањето два меѓународни документа, со кои дополнително се збогатува договорната состојба меѓу двете држави – административна спогодба за примена на договорот за социјално осигурување меѓу Република Северна Македонија и Романија и меморандумот за разбирање помеѓу министерствата за надворешни работи за соработка во дипломатските обуки.
Во рамките на посетата министерот Ауреску ќе биде примен и од претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието – Талат Џафери, претседателот на Владата – Димитар Ковачевски, а ќе оствари средба и со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.