Германскиот весдник „Билд“ повикувајќи се на извори од украинската влада, објавил дека германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер планирал да го посети Киев, но Зеленски одбил да се сретне, пренесуваат регионалните медиуми.
Украинскиот дипломат за „Билд“ изјавил дека причината зошто Зеленски одбил да се сретне со Штајнмаер е фактот што Штајнмаер имал блиски односи со Русија.
Украинскиот амбасадор во Берлин Андриј Мелник во текот на викендот јасно стави до знаење дека Киев ја очекува посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц наместо претседателот Штајнмаер, чија функција е главно церемонијална.
Посетата на Штајнмаер во голема мера би била симболична, кажал украинскиот амбасадор, кој се здобил со репутација во Германија затоа што отворено зборувал за наводниот недостаток на материјална поддршка од силите на Европската Унија.
„Тој треба да биде заменет од канцеларот или други членови на германската влада, кои би можеле да донесат конкретни одлуки за понатамошна значајна поддршка за Украина“, изјавил Мелник за ДПА.
Украина побара од Германија тешко оружје, вклучувајќи тенкови и артилерија, но тоа беше блокирано од Шолц, кој инсистира на заедничка акција на ЕУ.
Лидерите на европските земји, вклучувајќи ги Полска, Велика Британија, Австрија, Чешка, Словенија и Словачка, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен веќе го посетија Киев за да разговараат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
За време на неговата посета на Варшава, Штајнмаер и се заблагодари на Полска што прифати речиси 2,7 милиони луѓе кои бегаат од војната преку нејзината јужна граница, пренесуваат агенциите.