Утрински Весник
Свет

Бостонскиот маратон без Руси и Белоруси

Бостонскиот маратон без Руси и Белоруси
Dik 300x250 mk

На тркачите од Русија или Белорусија нема да им биде дозволено да учествуваат на маратонот во Бостон на 18 април поради инвазијата на Украина, објавија организаторите.

Забраната се однесува на маратонците кои живеат во Русија или Белорусија, додека емигрантите од руско или белоруско потекло ќе можат да учествуваат на трката под услов да не ги носат боите на нивната земја на потекло, соопшти Атлетската федерација на Бостон.

– Ние веруваме дека трчањето е глобален спорт и како таков мораме да направиме сè што можеме за да ја покажеме нашата поддршка за народот на Украина – рече извршниот директор на Бостон атлетика, Том Грилк, додавајќи дека организаторите се „згрозени и огорчени“ од извештаите и сликите кои покажуваат што се случува во Украина.

Бостонскиот маратон, кој беше откажан во 2020 година, а потоа одржан во октомври 2021 година со помалку учесници од нормалното поради пандемијата Ковид-19, се враќа на вообичаениот распоред и формат оваа година.

Во соопштението не се наведува колку руски или белоруски спортисти се пријавени годинава. Во 2019 година, 59 од повеќе од 30.000 тркачи кои учествуваа на трката беа од Русија и Белорусија.

Русија е исфрлена од светските спортови откако руските трупи ја нападнаа Украина на 24 февруари.

Фудбалските управни тела ФИФА и УЕФА ја суспендираа Русија од сите меѓународни натпреварувања, вклучително и Светското првенство, додека неколку организации како Формула 1 ги откажаа спортските настани закажани во Русија.

Можете да прочитате

Два силни земјотреси во Романија

Трамп сака Кина да „помогне“ во односите со Русија

Силен земјотрес ја стресе Јапонија