Утрински Весник
Свет

ЕУ: Руската влада е одговорна за масакрите во Украина

ЕУ: Руската влада е одговорна за масакрите во Украина
Dik 300x250 mk

Европската Унија ги смета руските власти за одговорни за злосторствата во украинските градови бидејќи тие имале целосна контрола врз сега ослободените области и веднаш почнува со работа на нови санкции, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

„Сторителите на воени злосторства и други сериозни прекршувања, како и одговорните владини претставници и воените лидери ќе одговараат. Руските власти се одговорни за овие злосторства, извршени додека имаа целосна контрола врз областите. Европската Унија ги поддржува сите мерки за да се обезбеди одговорност на руските вооружени сили за кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право во Украина“, се вели во писмената изјава објавена од Борел во име на Европската Унија.

Во соопштението најостро се осудуваат злосторствата извршени од руските вооружени сили во неколку окупирани украински градови кои сега се ослободени.

„Вознемирувачките слики од голем број убиени цивили, како и уништувањето на инфраструктурата го покажуваат вистинското лице на бруталната агресија на Русија против Украина и нејзиниот народ. Масакрите во Буча и другите украински градови ќе бидат на списокот на злосторства извршени на европско тло“, се вели во соопштението.

Борел истакнува дека ЕУ целосно ја поддржува истрагата за воени злосторства и злосторства против човештвото, започната од обвинителот на Меѓународниот кривичен суд и работата на Меѓународната истражна комисија и дека Унијата им помага на јавниот обвинител на Украина и на граѓанското општество во собирањето и складирањето докази за воени злосторства.

 

Можете да прочитате

Израел ја прекинува хуманитарната помош за Газа

Трамп: Нема да ја загрозам Америка поради Украина

Кина ги обвини САД за кибер напади врз Националниот центар за време