Утрински Весник
Свет

Голем шумски пожар во Словенија, опожарени викендички, повредени пожарникари

Голем шумски пожар во Словенија, опожарени викендички, повредени пожарникари

Во голем пожар што зафатил околу 500 хектари во словенечката општина Предвор, на околу 30 километри северно од Љубљана, досега изгореле пет викендички, а повредени се неколку пожарникари, кои и натаму се борат со пожарот.

Пожарот на падините на Побошка гора избувнал во понеделникот попладне на популарна излетничка локација, а пожарникарите се уште не успеале да го локализираат, иако на помош им дошол хеликоптер на словенечката армија, кој фрлил големо количество вода на огнот.

Пожарот избувнал над помала населба, но се проценува дека станбените објекти во неа засега не се загрозени и дека не е потребна евакуација на жителите, на кои им се препорачува да не ги отвораат прозорците и да избегнуваат вдишување чад, предупреди полицијата.

Опсегот на пожарот и натаму се проширува, а станува збор за шумска површина со многу сува смрека и други дрвја кои лесно горат поради долготрајната суша, велат пожарникарите.

Денеска, како и вчера, околу 250 пожарникари се борат со пожарот, а во подготвеност е и нова екипа од уште стотина.

Можете да прочитате

Фон дер Лајен предложи Канада да стане прва придружна членка на ЕУ

Белорусија започна воени вежби во близина на Полска и Литванија

Саудиска Арабија ги прекинува испораките на нафта кон Европа