Утрински Весник
Култура

Каталонската поетеса Миреја Калафељ доби препев на македонски кај „Макавеј“

Каталонската поетеса Миреја Калафељ доби препев на македонски кај „Макавеј“

Меѓу поетските изданија на „Макавеј“ се појави стихозбирката „Ние, кои“ од каталонската поетеса Миреја Калафељ. Таа е шпанска писателка што пишува на каталонски јазик. Препевот е на поетесата и преведувачка Наташа Сарџоска а изданието е спонзорирано од каталонскиот институт „Рамон Љуљ“.

По повод излегувањето од печат на книгата од Калафељ, Наташа Сарџоска ја опиша поезијата на Миреја Калафељ како поезија што „се занимава со теми што се многу значајни и за македонската читателска публика бидејќи се однесуваат на виталните каталонски прашања како што се прашањето за јазикот, националната историја, признавањето и, конечно, за независноста и слободата. Нејзината поезија се развива под влијанието на поетиката на големи каталонски поети како Жоан Маргарит. Насловот „Ние, кои“ го поставува прашањето на припадноста и на самоопределувањето. Калафељ ја следи богатата каталонска поетска традиција со изразени мелодичност, ритам и заумни аналогии. Таквата поезија би била вистинско поетско освежување за македонската книжевна сцена и би отворило нови хоризонти на читање и пишување поезија,“ изјави Наташа Сарџоска.

Миреја Калафељ дипломирала хуманистика на Универзитетот Помпеу Фабра. Од 2016 година, ко-директор е на поетскиот фестивал „Poesia i +“.
Авторка е на книгите „Поетики на телото“ (Galerada, 2006; Награда за поезија „Amadeu Oller“ во 2006 година и VIII меморијал „Anna Dodas“ 2008), „Кроеви“ (2010; награда за поезија „Јосеп Марија Лопес Пико“ 2009 година), „Толку неми жени“ (2014; награда за поезија „Oliver Benvingut“ 2013) и „Ние, кои“ (2020). Во 2015 година, ја освоила наградата „Златно слово“ за најдобра книга објавена на каталонски за книгата „Толку неми жени“, збирка поезија што потоа е преведена и на шпански јазик. Некои нејзини песни се објавени во антологии во Аргентина, Бразил, Холандија, Обединетото Кралство, Обединетите Арапски Емирати и Шпанија.

Текстот Каталонската поетеса Миреја Калафељ доби препев на македонски кај „Макавеј“ е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“