Интернет-страниците на руската влада се соочуваат со невидени сајбер-напади, а се прават технички напори за филтрирање на странскиот веб-сообраќај, објави денеска новинската агенција ТАСС, пренесувајќи соопштение на руското Министерство за дигитални технологии.
„Страниците на руските министерства, агенции и државни компании беа цел на хакери поради настаните во Украина, а веб-страниците на Кремљ, водечкиот превозник ‘Аерофлот’ и главниот заемодавач ‘Сбербанк’ се меѓу оние со прекини или привремени проблеми со пристапот во последните недели“, соопшти руското Министерство, наведувајќи дека работи на прилагодување на овие нови услови, на поголеми и посилни сајбер-напади.
„Ако порано нивната моќност достигнуваше 500 гигабајти во моментите на најголемото оптоварување, сега е 1 терабајт“, велат во министерството. „Тоа е два до три пати посилно од најсериозните инциденти од ваков вид што биле пријавени досега“, додаваат од таму.
Бидејќи Русија станува се поизолирана од глобалните финансиски текови и синџири на снабдување, руската влада предложи низа мерки за поддршка на ИТ секторот. Технолошките компании ќе имаат повластени даноци и повластени услови за заем.
Повикувајќи се на нацрт документи на руската влада, „Интерфакс“ доцна синоќа објави дека руското министерство предложило да се доделат 14 милијарди рубљи за поддршка на ИТ компаниите во форма на грантови.
„Ројтерс“ пишува дека не можел веднаш да го потврди извештајот.