Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека воената операција во Украина била успешна. Говорејќи на состанокот за мерките за поддршка на отцепените региони, Путин рече дека Западот ќе се обиде да го загрози територијалниот интегритет на Русија, но нема да успее.
Путин изјави дека нема да дозволи Украина да стане отскочна даска за закани кон Русија, пренесува руската агенција РИА Новости.
Рускиот претседател рече дека Западот ги турка властите во Киев во крвопролевање снабдувајќи ги со оружје и платеници.
„Сакам да го кажам ова за прв пат, на почетокот на специјалната операција побаравме од властите во Киев да не се мешаат во конфликтот, туку само да ги повлечат војниците од Донбас. Тие не сакаа. Па, ова е нивна одлука“, рече Путин.
Путин вели дека украинските сили го ракетирале Доњецк во понеделникот и дека станува збор за терористички напад во кој загинаа повеќе од 20 луѓе. Тој додава дека ваквите напади продолжуваат и дека тоа се напади во кои не се избираат цели.
„Како и фашистите, кои во последните денови на Третиот рајх се обидоа да повлечат со себе што повеќе невини жртви“, рече Путин.