Мултимедијалните авторки Ана Димчевска – Семенпеева, Вероника Камчевска, Марина Аврамовиќ и Симона Манчевска низ своите дела ја обработуваат идејата за жената како состојба и рефлексија во социо-економските предиспозиции на општеството. Низ видео арт, анимација, инсталации и графика ги деконструираат феноменолошките особености на родовите специфичности кои сами по себи го содржат конфликтот на себеспознавањето на Битието како уникатен дел од живеењето. Нивниот уметнички израз го истражува критичкиот диспозитив на врамување на особености кои ги детерминираат половите и родовите релации. Нивната заложба не е само да се даде можност за потврда на женската битност, туку да се повлече критички осврт кон слабостите на постоење во свет на крајна поделеност.
Видео авторките Вероника Камчевска и Марина Аврамовиќ посочуваат дека жената како авторка не е доволно присутна во филмската, мултимедијалната и видео арт продукција. Според нив, креативните индустрии мора да бидат поотворени, а вооедно општеството да создава и услови за еднакво партиципирање. Можноста да се создава и твори во мултимедија, отвара големи прашања за поделеноста во оваа индустрија која полека станува поосвестен и отворен пазар за жените артисти, но се уште е далеку од она што значи рамноправно учевство и економска еднаквост, подвлекуваат авторките. Според нив, ако се гледаат статистички добиените награди на големите филмски фетсивали, очигледно е каде се наоѓа жената авторка, а во оној момент кога некој филм станува успешен, тогаш тоа е пренагласено во медиумскиот простор дека станува збор за дело од жена режисер, што го повлекува прашањето за прикриена дискриминација.
Уметничкото видео „C/11“ на Вероника Камчевска ги истражува состојбите на поделеност и симулации на реалноста кои го отргнуваат Битието од самоспознавање. Додека, експерименталното видео „Тешкоба“ на Марина Аврамовиќ го отсликува влијанието на медиумите во моделирањето на жената како општествен конструкт.
Авторската љубопитност на уметницата Ана Димчевска – Семенпеева кон секојдневните човекови релации, ја трансформира комплексната егзистенцијална битност во уметничка содржина каде жената е краен агенс. Прашањата поврзани со суштината на човековото постоење и неговата егзистенција го набљудува со уметнички интерес, кој не е само градиво за почетен концепт на уметничко дело, туку и преиспитување кај самата авторка и гледачот кон постојана потрага за каузалоноста на состојбите и причината за последиците.
(Дело: „Брзиот полжав“ Сериграфија 70смХ50см, Ана Д.Семенпеева)
Уметницата Симона Манчева преку видео симулацијата „Полиња за убивање“ го истражува општествениот дискурс и индивидуалната слобода.
„Општествениот дискурс ни кажува многу различни работи и поставува различни прашања кои ја ограничуваат индивидуалната слобода, особено границите на човечкото тело, како што е човечката природа која општеството ја сфаќа како девијантна, како и задоволувањето на човечките потреби и фантазии се смета за перверзна, додека преку квир дискурсот нашиот фокус е отворено прифаќање на овие девијантни работи… „девијантното“ е сосема релативно…“, вели Манчева.
Уметничка изјава:
„Жената“ е состојба. Момент на симулација. Се она што во фаза на рефлексија го означува бидувањето човек и ја нагризува идејата да се биде женско само поради половата предиспозиција. Битието станува свесен дел од суштествувањето само тогаш кога конструктот го губи наративот во значајниот дел да се биде во животот сам по себе.
Жената е сила. Таа е Јанус и Медеја. Гаја и Хаос.
Таа е и тогаш кога престанува означениот карактер на родовата предиспозиција и ползи во нејзиниот императив кој создадва и руши спознание на различности.
Жената е биос-деус. Венера, и силната страна на Зевс.
Жената е ти, и Ти си тука преку единствен циклус на создавање и отуѓување од твоето материјално Јас.
Жената е магија и уникатен инженер на сите сфери стокмени во живеењето.
Таа е уметница, писателка, лекарка, новинарка, домаќинка, сексуална работничка, припадник на ЛГБТ ( LGBTIQ + ) заедницата и се што сме ТИ и ЈАС.
Жената е стваробитност во социо-економскиот систем. Таа е истисната компонента во постојана борба на самодокажување. Таа е неуморна, идеен фактор на се она што е околу нас. Жената не е конструкт. Таа е самата во себе концепт.
Текстот Мартовски амбивалентни интерпретации е превземен од МАКФАКС.