Утрински Весник
Економија

Дигиталното евро нема да биде замена за банкнотите

Дигиталното евро нема да биде замена за банкнотите

Еврото е дел од заедничкиот идентитет на Европејците, а најавеното дигитално евро нема да биде замена за банкнотите, туку додаток, изјави неодамна, претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагарднеодамна, по повод дваесетгодишнината од еврото.

Пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур започна во понеделникот со дебата за дваесетгодишнината од воведувањето на еврото и иднината на таа валута.

На првиот ден од 2002 година, националните валути беа заменети со евро во 12 земји на ЕУ, а денес таа валута ја користат повеќе од 340 милиони граѓани на ЕУ во 19 земји.

„ Заедничката валута не е само користење на исти средства за плаќање, таа е дел од заеднички потфат и идентитет, Европејците го препознаа тоа“, рече Лагард.

„ Еврото го поедностави животот на многу Европејци, оние кои студираат, патуваат и работат“, рече Лагард.

Минатата година, ЕЦБ потврди дека започнува проект за дигитално евро и дека втората најчесто користена валута по американскиот долар ќе биде редизајнирана. Дигиталното евро ќе биде електронски пари издадени од Евросистемот, односно ЕЦБ и националните централни банки и би било достапно за сите граѓани и бизниси.

„ Дигиталното евро нема да ја замени готовината, туку ќе биде додаток на готовината“, истакна Лагард.

Воведувањето на еврото во Хрватска се очекува во 2023 година, а Бугарија најави дека сака да се приклучи една година по Хрватска.

„ Хрватска и Бугарија напредуваат кон таа цел“, рече комесарот за економија на Европската комисија, Паоло Џентилони.

Романија најави дека ќе започне со подготовки за воведување на еврото, додека Чешка, Полска и Унгарија се двоумат. Во Шведска, на референдум во 2003 година, граѓаните одбија да се приклучат на еврозоната.

Сите земји-членки на ЕУ, освен Данска, се обврзани да го прифатат еврото, но нема рокови до кои мора да се приклучат.

Можете да прочитате

„Црн петок за маркетите“ – повик за нов бојкот

Додека се наполни потрошувачката кошничка, ќе „испари“ зголемувањето на минималната плата

Комерцијална банка испишува историја: Рекордна дивиденда од 1.250 денари по акција!