Утрински Весник
Економија

Чешка и Полска постигнаа договор за спорниот рудник за јаглен во граничниот појас

Чешка и Полска постигнаа договор за спорниот рудник за јаглен во граничниот појас

Чешка и Полска денеска потпишаа договор за решавање на спорот поврзан со еколошката штета предизвикана од продолжувањето на работата на рудникот за јаглен „Туров“ на полската страна од границата со Чешка, соопшти чешкиот премиер Петр Фијала.

Според одредбите на договорот, Полска ќе ѝ плати на Чешка 45 милиони евра (50,8 милиони долари) како компензација за падот на водостојот во граничната зона и ќе ја заврши изградбата на заштитен подземен ѕид, соопшти Фијала, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Чешка, пак, ќе ја повлече тужбата што ја поднесе против работата на тој рудник до Европскиот суд на правдата, додаде тој.

Рудникот „Туров“, кој произведува лигнит и кафеав јаглен, е главен снабдувач на електрана која е важна за снабдување на Полска со електрична енергија.

Чешка покрена судски спор против Полска, наведувајќи дека рудникот им нанесува голема штета на населените места и животната средина во пограничниот регион.

Полска одлучи да ја продолжи лиценцата за работа на рудникот до 2026 година и покрај тоа што беше казнета со 500.000 евра дневно од Европската комисија поради игнорирање на претходната судска одлука за прекин на производството.

Можете да прочитате

Цените на нафтата над 100 долари за првпат од август 2022 година

Димитриеска-Кочоска: Состојбата со енергенсите во моментот е стабилна, ако има потреба ќе интервенираме

Управата за јавни приходи со зајакнат пристап во управувањето со даночните долгови