Утрински Весник
Македонија

Одбележан 27 Јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот

Одбележан 27 Јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот

„Во тешки времиња како што се овие: идеалите, соништата и негуваните надежи се издигнуваат во нас само за да бидат уништени од мрачната реалност. Навистина е чудо што не ги отфрлив сите мои идеали бидејќи изгледаат толку апсурдни и невозможни да се спроведат. Сепак, ги чувам, бидејќи и покрај сè, верувам дека луѓето се навистина добри во срцето“ – напиша брилијантното девојче Ана Франк. Невиноста, храброста и надежта испишани во Дневникот ни предизвикуваат морници, но, и децении подоцна, се и наша утеха – истакна денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на комеморативното одбележување на 27 Јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, што се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот – Скопје.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека секоја година го одбележуваме 11 Март, денот кога кога 7 144 македонски евреи беа депортирани од окупаторските фашистички сили со возовите на смртта.

– Северна Македонија ги помни жртвите на холокаустот и ги чува сеќавањата и во овој, исклучително важен, Меморијален центар – рече Костадиновска-Стојчевска. Министерката за култура потсети дека Министерството за култура учествува во заедничкиот проект „Образование за холокаустот и меѓукултурното разбирање во Југоисточна Европа: обновување на ексјугословенскиот павилјон во Аушвиц“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Венеција. Проектот е, всушност, обновување на изложбениот простор на Блок 17 во Аушвиц и креирање заедничка постојана изложба за холокаустот.

Домаќин на денешното комеморативно одбележување беше заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, a пред присутните се одбратија и: министерот за дијаспора на Државата Израел, Нахман Шаи; претседателката на Собранието на Еврејската заедница во земјава, Радојка Хелман-Денковска; амбасадорот на Грција во својство на земја претседавач со ИХРА, Русос Кондурос; заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД, Ерик Мејер; и координаторката на Европската комисија за борба против антисемитизмот и унапредување на еврејскиот живот, Катарина фон Шнурбеин. Беше организирана и панел-дискусија на тема „РС Македонија – 35-та членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА): активности и мерки во борбата против искривоколчувањето на холокаустот и антисемитизмот и улогата на ИХРА во овие области“.

Можете да прочитате

ОЈО поднесе обвинение за кражба на кабли од кругот на скопска „Железара“

Деветти ден штрајк со глад, Јанков повторно хоспитализиран

Радио Слободна Европа го гаси македонскиот сервис по 25 години работа