Утрински Весник
Свет

Лавров по средбата со Блинкен: Следната недела од САД ќе добиеме писмени одговори

Лавров по средбата со Блинкен: Следната недела од САД ќе добиеме писмени одговори

САД ќе и дадат писмени одговори на Русија на барањата за безбедносни гаранции следната недела, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Женева.

Лавров нагласи дека Москва сака да слушне кои предлози имаат смисла, а кои немаат и дека е важно се да биде на писмено. Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин може да донесе одлука доколку добие индивидуални одговори од Западот на понудите и контрапонудите на Москва.

Рускиот министер се пожали и дека НАТО во последно време работи против Русија, истакнувајќи дека Русија никогаш не кажала дека ќе ја нападне Украина.

Говорејќи на прес-конференција по средбата со Блинкен, Лавров рече дека се надева оти емоциите ќе се смират околу Украина и ги повтори тврдењата на Русија дека таа не претставува закана за нејзиниот поранешен советски сосед.

Лавров на почетокот на разговорите рече дека Москва очекува конкретни одговори на (нејзините) многу конкретни предлози, додека американскиот државен секретар изјави дека не се надева дека денеска ќе ги премости разликите, пренесе „Ројтерс“.

Ова е трета средба меѓу Лавров и Блинкен, можеби и најважна, имајќи предвид дека се водат преговори за барањето на Русија за безбедносни гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток, како и во светло на растечките тензии околу Украина.

Можете да прочитате

Заврши видео-средбата на европските лидери со Зеленски и со Трамп

Израел го бомбардираше градот Газа, над 120 загинати

Скандал во Полска: Пари од ЕУ завршиле во свингерски клубови и на јахти