Обележувајќи музичка традиција која го издржа тестот на времето повеќе од 80 години, Новогодишниот концерт на реномираната Виенска филхармонија продолжува да привлекува милиони гледачи ширум светот на годишното емитување на огромниот репертоар на Јохан Штраус, неговиот син Јохан Штраус помладиот, неговиот внук Едуард Штраус, и современиците.
Во Виена во саботата се одржа традиционалниот концерт, но оваа година пред многу помала публика. Дозволени беа само 1,000 гледачи, а на него не дојде ниту австрискиот канцелар Карл Нехамер.
„Оваа тешка ситуација поради пандемијата бара многу од сите нас, па мислам дека моето доаѓање би испратило погрешен сигнал“, е дел од објавата што Нехамер ја напиша на Фејсбук во четвртокот, додавајќи дека концертот ќе го следи на телевизија.
И покрај редуцираниот број луѓе кои го слушаа концертот во живо, диригентот Даниел Баренбојм изјави дека е среќен што настанот нема да се одржи пред празен аудиториум. Тој нагласи дека сака да ги потсети луѓето на важноста на музиката, пренесоа локални медиуми.
„Се надевам дека ќе инспирира политичари од разни делови на светот да размислат за важноста на духовната потреба на луѓето за музика“, рече Баренбојм.
79-годишниот маестро третпат диригира со Виенската филхармонија, по концертите во 2009 и 2014 година. Концертот се емитува во 92 земји.