Утрински Весник
Економија

Левицата: Власта ја загрозува егзистенцијата на земјоделците во Овчеполието преку странска енергетска инвестиција

Левицата: Власта ја загрозува егзистенцијата на земјоделците во Овчеполието преку странска енергетска инвестиција

Владата деновиве објави енергетска инвестиција на француската компанија „Акио Енерџи“, вредна 250 милиони евра. Оваа инвестиција е предвидена да се изгради на површина од 452 хектари плодно земјоделско земјиште, чија почва поседува квалитет од прва и втора класа во Овчеполската котлина. Со оваа инвестиција, сметаат од Левица, директно се уништува најплодниот дел од котлината, каде се одгледуваат житни култури кои служат како за исхрана на населението, така и за стоката, загрозувајќи ја егзистенцијата на сите оние семејства кои заработуваат од ова поле.

Но, ова не е единствениот проблем, посочуваат од таму.

„Освен семејствата, кои директно егзистираат од обработка на ова земјиште, загрозени се и останатите земјоделци, затоа што на планираната територија за инвестиција поминува целиот водоводен систем, кој ги снабдува полињата со вода во повеќе села од околина. За ситуацијата да биде уште полоша, месните жители стравуваат дека бунарите кои ги снабдуваат околните села со вода за пиење, исто така можат да бидат опфатени и завршат во „имотот“ на приватниот инвеститор. Доколку компанијата го добие овој дел од земјиштето за инвестиции, практично може да го наруши целиот био-систем во овој крај. Дополнително, енергијата која ќе ја произведува инвеститорот може слободно да биде продавана на странски пазари, со што ќе профитира нанесувајќи ненадоместлива штета, која ја уништува егзистенцијата од овој крај“, реагираат од оваа партија.

Левица повикува оваа инвестиција да се направи при консултација со засегнатите страни и месните самоуправи и истата да биде реализирана исклучително како државен проект.

„Бараме локацијата на оваа инвестиција да биде променета, затоа што на само два километри од истата оваа локација постои земјиште кое не е под наводнување и е од трета и четврта класа, а во радиус од десетина километри се наоѓа земјиште кое воопшто не е плодно, со што девастацијата на плодното земјиште може целосно да биде отстранета. Искористувањето на природните ресурси мора да биде единствено од страна на државата, целосно управувано во правец за добробит на граѓаните, со максимално внимание истите да не нарушат ничија егзистенција, ослабнат производство на храна, ниту пак да нанесат трајна штета, како што беа случаите со приватните мали хидроцентрали, кои целосно ги уништија водотеците на повеќе реки“, оценуваат од Левица.

Можете да прочитате

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија

Вицегувернерката Митреска: Очекуваме понатамошно намалување на инфлацијата следната година