Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

Мијалков преку жалба до Апелација ќе ја бара слободата, новиот притвор бил поради контакти со странски служби

Мијалков преку жалба до Апелација ќе ја бара слободата, новиот притвор бил поради контакти со странски служби
Img 7972

Сашо Мијалков бара да биде ослободен од притвор преку нова жалба до Кривичниот совет на Апелација. Ова доаѓа откако вчера од второстепениот суд му беше укинат притворот за случајот „Трезор“, а по неколку часа, првостепениот суд му одреди нов притвор од триесет дена за случајот „Плацови на Водно“ каде е осуден.

Адвокатот Петар Василев кој го застапува Мијалков посочува дека неговиот клиент не бил повикан да се произнесе за предложениот притвор и тоа го опиша како немање доблест на судот бидејќи иако го одобриле, предлогот бил неоснован и непотребен.

„Во овој контекст се создава неконзистентна правна пракса. Не може ставот на повисок суд да не биде ценет од понизок суд. Тоа е спротивно на Европската конвенција за човекови права. Ќе ги преземеме сите правни мерки за оваа работа да ја истераме на чистина. По повод жалбата која е поднесена денеска, убедени сме дека Апелација ќе остане на својот став бидејќи по предлогот на јавниот обвинител, апсолвирани се прашањата за бегството, недостапноста и во врска со тоа дека поради тоа што Милјаков имал голем имот во Македонија и надвор од неа можел да се даде во бегство. Судот имотот кој што е влезен во гаранцијата која е запишана и правосилна, каде се обезбедуваат плати и придонеси на повеќе од 350 вработени и семејства, го цени како можност за бегство, а не како можност дека токму поради тој бизнис нема ниту намера да се даде во бегство“, рече Петар Василев.

Адвокатот Sвонко Давидовиќ вели дека сега кон Мијалков се применети сите мерки за обезбедување присуство – притвор, гаранција, повремено пријавување во суд, одземена патна исправа. Тој вели дека имотот на Мијалков ќе остане под хипотека, затоа што решението на Апелација не може да се укине.

„Мијалков беше држен во притвор неколку часа без да има активна мерка. Во 14 часот беше впишана гаранцијата во Агенција за катастар, а во 21 часот беше донесено новото решение на Кривичниот суд, во кое стои дека поради контакти со странски разузнавачи и особено со Израелската тајна служба, постои опасност од бегство. Некако Кривичниот суд посочува странска држава и служба дека може да учествува во кривично дело. Нема доказ за контакти“, кажа Давидовиќ.

Можете да прочитате

Мицкоски ги повика кумановци да гласаат за Максим Димитриевски

37 обвинети, 33 адвокати и 250 оштетени судењето за „Пулс“ ќе биде правен маратон

Забрчанец: Дали Мицкоски се правда или бара мандат кој ќе трае со децении?