Зоран Заев и официјално ја поднесе оставката од функцијата премиер на Влада во законодавниот дом.
Во текстот на оставката која досегашниот претседател на Владата ја испрати до претседателот на Собранието и до пратениците, како што соопштија владините служби Заев ја образложува одлуката за неговата постапка.
„Со ова мое писмо Ве известувам дека поднесувам оставка од функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија. Оваа моја одлука ја презедов како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати. Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата“, пишува Заев во писменото образложение.
„Со мојата оставка со која ја преземам одговорноста сакам да оставам пример за да се препознаваат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да дадам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот, но исто така и на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја преземаат грижата за својата земја. Затоа што демократијата значи и одговорност. Ова го направив и за да може да продолжи да се развива нашата западно-европска идеја и прогресивниот концепт во земјата да си создаде услови за сопствено освежување и зајакнување, а со тоа да не се дозволи да биде поразен на национално ниво – за да можат токму тие современи демократски сили да опстојат и да продолжат да се борат за напредокот на Северна Македонија – во име на слободата, демократијата, различностите, добрососедството, НАТО и за полесно и побрзо да ги почнеме преговорите со ЕУ“, има напишано Заев.
Потенцира дека е горд што изминатите години имал поддршка од сите етнички заедници.
„Во сите предизвици има периоди на мир меѓу две битки, денови кога ентузијазмот ослабнува, кога се соочуваме со неисполнување на тоа што се очекува и што е договорено. Но, едно е сигурно дека никогаш нема да има денови, ниту ситуации, кога тие моменти биле причина да се откажеме од остварувањето на нашата голема цел што си ја поставивме со сите наши граѓани само пред четири години. За време на моите мандати како премиер, донесовме историски одлуки поради кои Северна Македонија наместо како „поранешна република“, без свое трајно и суверено потврдено место во друштвото на народите, го доби тоа што ѝ припаѓа според нејзиното достоинство и историски заслуги. Тие одлуки овозможија Македонците и македонскиот јазик да бидат потврдени од целиот свет, а овој пат и од нашиот сосед и пријател, Република Грција. Сметам дека со тоа обезбедивме траен мир, безбедност, сигурност и трасиран пат за економски добробит на народот“, вели Заев во напишаното.
„Времето ќе покаже дека оваа моја одлука е во согласност со мојата определба да бидам политичар кој презема одговорност за да бидат донесени тешки, но историски важни одлуки за добрата и сигурна иднина на нашиот народ и на државата, без притоа грижата за личниот политички рејтинг да ја ставам пред државните интереси“, додава Заев.
Инаку, со констатирањето на оставката на Заев во оставка ќе биде целиот негов кабинет, а потоа шефот на државата, во рок од десет дена, треба да одреди нов мандатар кој би составил нова влада и програма во период од 20 дена.