Светската здравствена организација (СЗО) за Европа предупреди на задолжителнaта вакцинација и повика на подобра заштита на децата кои во моментот се се’ повеќе изложени на ковид.
Генералниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге рече дека задолжителните вакцини треба да бидат „апсолутно последно средство и да се користат само кога се исцрпени сите други опции за подобрување на вакцинацијата“.
Истакнувајќи дека во некои случаи задолжителните вакцини дале резултати, Клуге рече дека мора да се земе предвид и ефектот што задолжителните вакцини можат да го имаат врз довербата на јавноста: она што е прифатливо во едно општество и заедница може да биде неефикасно или неприфатливо во друго.
Бројот на заболени во Европа е зголемен во сите возрасни групи, а највисоките нивоа во моментов се забележани кај возрасната група од 5 до 14 години.
Подобрената вентилација и употребата на маски треба да бидат стандардни во сите основни училишта како дел од безбедна средина за учење, притоа избегнувајќи затворање на училишта и учење онлајн, рече регионалниот директор.
„Вакцинирањето на децата треба да се разговара и да се разгледа на национално ниво“, додаде Клуге.
Тој нагласи дека задолжителните мерки во никој случај не треба да придонесуваат за зголемување на социјалната нееднаквост во пристапот до здравствените и социјалните услуги. Клуге потсети и дека при воведувањето рестриктивни мерки е неопходно за да се води грижа за менталното здравје на луѓето и да се спречи семејното насилство.
„Минатиот месец предупредивме дека до почетокот на 2022 година би можеле да изгубиме уште половина милион животи доколку не преземеме итни мерки“, рече тој и додаде дека помина еден месец и починаа уште 120.000 луѓе, а регистрирани беа уште 10 милиони случаи на Ковид-19.