Утрински Весник
Македонија

Шахпаска- Форсгрен Бенгтссон: Борбата против трговијата со луѓе треба да биде на високо ниво

Шахпаска- Форсгрен Бенгтссон: Борбата против трговијата со луѓе треба да биде на високо ниво

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија Кристин Форсгрен Бенгтссон.

На средбата ги презентираше активностите кои Министерството за труд и социјална политика во континуитет ги презема на планот на превенција и заштита на жртвите од трговија со луѓе, особено на жените и децата.

Министерката информираше дека преку Секторот за еднакви можности, МТСП има улога на координатор на националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе (НМУ) кој петставува рамка за соработка и координиран приод помеѓу социјалните служби, полицијата, трудовите инспектори и невладиниот сектор. Шахпаска нагласи дека огромна е улогата на Центрите за социјална работа и стручните лица кои се дел од мобилните тимови за рано откривање на жртви со трговија со луѓе.

„Мобилните тимови за превенција од трговија со луѓе се позитивен пример и добра пракса која е прифатена од други земји во регионот. Во нашата држава во моментов постојат пет тима составени од претставници на Министерствата за труд и социјална политика, за внатрешни работи и од здравство и од претставници од невладините организации. Тие функционираат во Тетово, Гостивар, Куманово, Битола и Гевгелија. Нашата намера е да формираме уште такви тимови и во други општини, затоа што тие покажаа огромни резултати во навремено идентификување и превенција на жртви на трговија со луѓе“, рече Шахпаска.

Шведската амбасадорка Форсгрен Бенгтссон ја информираше министерката Шахпаска за состојбата со трговијата со луѓе и со законските решенија и мерки кои се преземаат во Шведска. Таа потенцираше дека во изминатиот период голем дел од активностите од шведската влада се насочени и кон Северна Македонија.

„Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите во борбата против трговија со луѓе на државите во регионот вклучувајќи ја и Република Северна Македонија. Борбата против трговијата со луѓе треба да биде на високо ниво. Треба да се фокусираме на секоја норма на трговија со луѓе бидејќи во време на пандемијата од Ковид зголемена е онлајн експлоатацијата на луѓето, рече шведската амбасадорка.

Денеска таа го посети и Шелтер центарот за жртви на трговија со луѓе во Скопје.

Можете да прочитате

Редакција на ИРЛ со фрапантни откритија за злоупотреба на брзи кредити

Во мојот случај со канцер, станува збор за лекарска грешка, сведочи онколошка пациентка во подкаст ЗРАК

(Видео) Подкаст ЗРАК: Секоја борба со канцерот е индивидуална и различа