Утрински Весник
Македонија

Филипче: Од 26% на 8% намалена смртноста на предвреме родените бебиња

Филипче: Од 26% на 8% намалена смртноста на предвреме родените бебиња

Една од главните заложби на Министерството за здравство во изминатите години беше унапредување на условите, вложување во модерна опрема и обуки на Клиниката за гинекологија и акушерство. Со задоволство може да констатираме дека оваа заложба ја претворивме во ефикасна стратегија која за само пет години даде фантастични резултати, ги унапреди условите за родилките и обезбеди врвна нега за новороденчињата, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

„ Како директна последица на постојано унапредување на условите и модернизација на Клиниката, од 2016 до 2021 успеавме да ја намалиме смртноста кај предвреме родените бебиња од 26% на само 8% со тенденција овој процент и понатаму да паѓа. Континуираната обука и унапредување на персоналот и силните инвестиции во модерна апаратура се клучот за успех и квалитетна работа на оваа Клиника.

Во изминатиот период набавивме 15 модерни инкубатори, нешто што недостасуваше на Клиниката но и низа други апарати и опрема, како микроскопи, системи за деминерализација, респираторни машини, подвижни протокомери за кислород и друга опрема. Оваа опрема беше нужна да се понуди најдобрата услуга, а со тоа и да се спасат што е можно повеќе млади животи. Денес ГАК располага со врвна апаратура, знаење и мотивиран персонал кој работи по светски стандарди“ рече Филипче.

На денот на предвреме новородените деца, министерството порачува дека превенцијата, навремените прегледи и грижата за сопственото здравје на трудниците се клучот за стабилна бременост и зачувување на здравјето на бебињата.

Можете да прочитате

Невреме во Скопје, продолжува кон Велес, Штип, Крива Паланка…

Неколку лица повикани на разговор во полициска станица во врска со инцидентот во Куманово

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за европски прашања и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС)