Утрински Весник
Македонија

СДСМ: Скопје веќе е град на модерни фестивали а не град на кичот со фестивали на Субрата Рој

СДСМ: Скопје веќе е град на модерни фестивали а не град на кичот со фестивали на Субрата Рој

Скопје веќе не е главен град на кичот, како во време на ВМРО-ДПМНЕ, туку се препознава како модерна културна престолнина. Скопје е веќе град на културни случувања и фестивали, со реконструирани и нови културни сцени. Во сите 12 месеци од годината се организираат културни случувања, културни настани и фестивали, дури и во време на пандемија. Бевме единствен град во Европа што организираше „Култура во време на корона“ како поддршка на уметниците. Скопјани секоја година уживаат и во фестивалот „Скопје лајт дистрикт“ и во концертите на „Филхармонија на отворено“, реагираат од Градската организација на СДСМ-Скопје.

„Град Скопје постојано го охрабрува културното и уметничкото изразување на младите, креира простори за алтернативна култура и можност за реализација на нивните идеи. Градот спроведе конкурс и распиша тендер за две летни сцени. Нема веќе наместени и тајни јавни повици за финансирање на проекти од областа на културата. Сите повици се објавуваат најтранспарентно и траат доволно време. Ја воведовме и новината за онлајн аплицирање, со што дополнително е олеснета процедурата. Го воведивме јавнот повик „Од центар кон периферија“ за поддршка на проекти кое се одвиваат во периферните делови на Скопје“, додаваат од таму.

„За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кое го претвори Скопје во главен град на кичот, и кич фестивали на Субрата Рој, ние водиме грижа за традициите, историското и културно наследство на градот. Некогаш дивиот паркинг кај „Ибн Пајко“ го претворивме во зелена оаза, омилено место за одмор и релаксација на граѓаните, но и место каде што се одржуваат културни и забавни настани. И новите зелени кровови во Скопје се омилени културни сврталишта на Скопјани“, стои во писмената реакција од градската организација на СДСМ-Скопје.

Потсетуваат дека ЗОО прерасна во една од најопремените, најбогатите со животни и најпосетените зоолошки градини на Балканот. Впрочем, како што велат, на тоа укажува и фактот на илјадници посети секој ден во зоолошката градина и Дино паркот.

Можете да прочитате

Екс-директорот Димовски најави одговор на наводите за злоупотреби во АНБ

(Видео) Молотов коктел фрлен во објект во Скопје

Северна Македонија на 51. место според Глобалниот индекс за мир за 2025 година