Утрински Весник
Економија

Средба Ангеловска-Бежоска-Петров: Прва национална стратегија за финтек секторот до крајот на годината

Средба Ангеловска-Бежоска-Петров: Прва национална стратегија за финтек секторот до крајот на годината

Подготовката на Националната стратегија за развој на финтек-секторот кај нас би завршила до крајот на годинава. За успешно да се изработи и да се спроведе Стратегијата, како една од стратегиските цели на Народната банка, е потребно активно вклучување на голем број институции. Оттука, во Народната банка беше остварена средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров, како и тимовите од двете институции.

На средбата директорот на ФИТР, Петров, ги презентира предлог-мерките за забрзан раст на македонскиот „стартап“ екосистем, а исто така беше искажана подготвеност за вклучување на Фондот во изработката на Националната стратегија за развој на финтек-секторот. Воедно, се разгледаа и можностите за соработка меѓу институциите во наредниот период, во областа на иновациите во финансискиот сектор, како тема од заемен интерес.

На состанокот беа презентирани и активностите на Работната група за финтек-секторот во рамките на Народната банка, како воспоставувањето на т.н. Порта за иновации ‒ платформа за комуникација на Народната банка со иновативната бизнис-заедница (финтек-секторот) и други релевантни институции. Како што беше посочено, досега, преку оваа платформа се доставени повеќе прашања за консултација и е изразен интерес од повеќе домашни и странски субјекти за вложување во финтек-секторот во земјава. Исто така, со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), се спроведени Анкета и Студија за остварливост за развојот на финтек-секторот во земјава, а извршено е и првото мапирање на финтек-екосистемот во земјава.

Инаку, неодамна ЕФСЕ ја посочи Народната банка како лидер во регионот во активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот, а Република Северна Македонија како единствена земја во регионот чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот, посочуваат од Народната Банка.

Дел од експертите на Работната група за финтек-секторот во Народната банка, како што информираат од таму се вклучени и во работните групи за финансиски иновации формирани од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), со што нашата централна банка учествува во оформувањето на најновите меѓународни согледувања и регулативи за финтек-секторот.

Можете да прочитате

ЕБОР со над 10 милијарди евра инвестиции во Србија од 2001 година

Словачка ни завидува на економскиот раст

Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 56. сесија на Клубот на истражувачите