Утрински Весник
Македонија

(Видео) Димитров: Дигитализацијата е мултипликатор на промените и општествениот развој

(Видео) Димитров: Дигитализацијата е мултипликатор на промените и општествениот развој

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров на прес-конференција го претстави проектот за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија, што ќе се спроведува под координација на Секретаријатот за европски прашања со финансиска поддршка од САД и Естонија и експертска поддршка од Естонскиот центар за меѓународен развој. На прес-конференцијата вицепремиерот Димитров и претставничката на Естонскиот центар за меѓународен развој Кадри Масик потпишаа Меморандум за соработка за проектот.

Вицепремиерот Димитров изрази благодарност за поддршката од двете земји и ја нагласи важноста на трилатералното партнерство во област како што е дигитализацијата, што ќе придонесе за напредок во процесот на европска интеграција на Северна Македонија и зацврстување на заемната соработка со земја членка на ЕУ и САД како стратешки партнер.

„Со овој проект се воспоставува модел за соработка и во други области преку зајакнување на врската меѓу Естонија како земја членка, и Северна Македонија како кандидат за членство во ЕУ; врска која всушност ќе добие една нова димензија преку менторство, а под покровителство на САД како заеднички пријател и важен стратешки партнер. Токму партнерството и менторството е суштината на овој проект – естонското искуство во оваа област е извонредно и пред нас е можност да учиме од земја која во светски рамки важи за предводник на процесите на дигитализацијата“, нагласи Димитров.

Тој ја истакна и важноста на процесот на дигитализација во контекст на европеизацијата на Северна Македонија.

„Особено е важно што најавената соработка со земји членки на ЕУ за носење на европските вредности дома започнува токму во областа на дигитализацијата, бидејќи создавањето успешна дигитална приказна во Северна Македонија е предуслов за напредок и во други клучни области како што е борбата против корупцијата, транспарентноста и доброто управување. Дигитализацијата одамна не е само опција, туку неопходна потреба за зголемување на приспособливоста кон современите предизвици и промените. Тоа не е само нашата иднина, туку е и нашата сегашност бидејќи дигитализацијата е мултипликатор на промените и општествениот развој“ додаде Димитров.

На прес-конференцијата се обратија и амбасадорките на САД и на Естонија во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз и Кристи Карелсон, коишто се надоврзаа на потенцијалот на воспоставената соработка за постигнување видливи резултати во реформските процеси во Северна Македонија и на важноста од споделување на најдобрите практики и стекнатите искуства во процесите на трансформација.

„Оваа соработка е пример за продуктивните односи што се развиваат кога партнерите кои се на иста линија ги прифаќаат истите основни вредности и работат кон постигнување заедничка цел. Денес зборуваме првенствено за е-управување и дигитализација, но ова партнерство што го преземаме, се надевам, ќе генерира позитивни ефекти во широк спектар на области“, нагласи амбасадорката Брнз.

„Естонија е светски етаблиран лидер во дигитализацијата, особено во е-управувањето што го гледаме како клучна алатка за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на јавниот сектор и довербата на граѓаните. Секогаш сме среќни да го споделиме нашето искуство за тоа што и како сме постигнале, но исто така – што можеше да се направи поинаку. Затоа, ние сме среќни што Владата на Северна Македонија ја покани Естонија да соработува во овој проект и благодарни сме на Амбасадата на САД за нивната драгоцена поддршка. Се надеваме дека ова е само почеток за долгорочна соработка меѓу Естонија и Северна Македонија, што дефинитивно ќе биде од корист за сите актери“, заклучи амбасадорката Карелсон.

Можете да прочитате

Хеликоптерот на МВР исфрли повеќе од 30 тони вода во реонот на Дојран

Давкова се обрати на годишниот настан на КСЗД „Разговори за еднаквост” на тема „Право на домување на Ромите”

Активни се 11 пожари, од нив само еден е под контрола, информира ЦУК