Утрински Весник
Македонија

Царовска: Учениците ќе бидат дел од ПИСА тестирањето во 2022 година, во тек се пробно тестирање и интензивни подготовки

Царовска: Учениците ќе бидат дел од ПИСА тестирањето во 2022 година, во тек се пробно тестирање и интензивни подготовки

Македонија ќе учествува во меѓународното ПИСА тестирање кое го организира ОЕЦД, а ќе се спроведе во 2022 година и за таа цел интензивно се подготвуваме речиси една година, изјави министерката Царовска.

Таа се надева дека при проверката на научната и математичката писменост, писменоста за читање и креативноста во размислувањето, учениците ќе покажат подобри резултати во однос на изминатите тестирања.

„ За тоа и всушност ги подготвуваме. Но, значителен напредок очекувам да постигнеме за 5-6 години од сега, кога целосно ќе се заокружи реформата во основното образование која ја започнавме годинава, а една од иницијалните причини беа токму слабите резултати на ова и неколку други меѓународни тестирања во минатото“ рече таа.

Царовска заедно со директорката на Државниот испитен центар во скопското средно училиште „Боро Петрушевски“ – АСУЦ го означија почетокот на пробното ПИСА тестирање кое ќе се спроведува во следните 10 дена, а учествуваат 885 ученици на 15 годишна возраст од 13 средни училишта.

„ Со цел запознавање со процедурите за спроведување на тестирањето, за наставниците уште во текот на минатата година беа организирање онлајн обуки, додека поголема група ученици денеска е дел од пробното тестирање преку кое ќе ги увидиме сите аспекти на кои ќе треба да се посвети поголемо внимание при главното тестирање следната година. Мораме добро да се подготвиме и да добиеме објективни резултати. Тие нам ни се особено важни како земја во развој и ќе бидат патоказ за креирање на идните образовни политики“, рече Царовска.

Министерката потсети дека токму како резултат на слабата подготвеност на учениците да го применат во реалниот живот тоа што го научиле на училиште, што се покажало на претходните ПИСА тестирања кога бевме меѓу последните земји, усвоена е нова Концепција за основно образование врз основа на која започна и етапно креирање на нови наставни програми и материјали за учење кои воедно и се дигитализираат, а интензивно се вложува и во опремување на училиштата, со што треба да се обезбеди поинтерактивна и поефективна настава.

ПИСА е најголемото светско меѓународно истражување во образованието во кое се вклучени ученици на 15 годишна возраст. Се спроведува уште од 2000та година од страна на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и во истото се вклучени повеќе од 85 земји учеснички. Преку ова тестирање се мери примената на знаењата од научната писменост, математичката писменост, писменоста за читање на учениците, а во 2022 година за прв пат ќе се мери креативно размислување на учениците.

Северна Македонија преку Министерството за образование и наука до сега има учествувано во три циклуси: ПИСА2000, ПИСА2015, ПИСА2018. Ова ќе биде наше четврто учество во студијата, а реализатор е Државниот испитен центар.

За успешна реализација на пробното тестирање кое во следните 10 дена ќе се спроведува електронски, обезбедена е поддршка од Светска банка за набавка на информатичка опрема исклучиво за оваа цел.

Можете да прочитате

(Видео) Груевски го гледаше ракометниот натпревар Македонија – Турција

Снегот предизвика хаос: Прекини на струја и блокирани патишта во Битола

Тотален колапс на македонските патишта по денешниот снег