Истрагата што надлежните институции ја спроведуваат во соработка со меѓународни експерти, ќе ги даде одговорите за сите прашања поврзани со трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, велат од владејачката СДСМ.
Според оваа партија, ефикасната и брза истрага, како што велат, ќе даде дополнителна потврда за капацитетноста на институциите и нивната професионална посветеност.
„Особено го поздравуваме ангажманот на врвните германски експерти за форензика кој треба да донесе дополнителна вредност во процесот на истрага. Истовремено, како партија изразуваме почит кон одлуката на министерот Венко Филипче за понудената оставка и ги почитуваме одлуките и на заменикот министер за здравство и директорите на болницата во Тетово. Одлуката на министерот за здравство Филипче, поттикната од чувството на морална одговорност, ја отсликува неговата посветена, чесна работа како одговорен министер, со строго почитување на етичките правила и морал“, стои во соопштението од СДСМ.
Министерот Филипче, потенцираат од СДСМ, е пример за одговорен политичар кој избрал да им служи на граѓаните и да се бори за нивното здравје и нивните животи.