Утрински Весник
Македонија

(Видео) Учениците во Лозово добија нова спортска сала

(Видео) Учениците во Лозово добија нова спортска сала

Премерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, министерката за образование Мила Царовска и со градоначалникот на Општина Лозово, Ацо Велковски, денеска ја предадоа во употреба спортската сала во општинското основно училиште „Методи Митевски Брицо“ во Лозово.

Како што посочуваат од владината прес-служба, учениците во ова основно училиште од годинава ќе имаат најсовремени услови за изведување на наставата по физичко и здравствено образование, откако во сите години претходно содржините по овој предмет се остварувале на отворено или во адаптирани училници во зимскиот период.

Спортската сала на површина од 650 квадратни метри се состои од комбиниран терен за повеќе спортови, канцеларии за наставници, соблекувални за машки и за женски ученици и е комплетно опремена со спортска опрема и реквизити за играње и изведба на повеќе спортови и спортски активности како што се мал фудбал, ракомет, одбојка, кошарка, гимнастика.

Во спортската сала има дел и опрема за здравствено образование и следење на физичкото здравје на учениците, што е од исклучителна важност за комплетниот развој на учениците.

Салата во општинското основно училиште „Методи Митевски Брицо“ во Лозово, е дел од проектот за изградба и опремување на 145 спортски сали од кои досега се завршени 30 во средните училишта, 6 во основните училишта, а уште 7 во основните се во фаза на изградба.

За изградба и опремување на оваа спортска сала од буџетот на Министерството за образование и наука се издвоени нешто повеќе од 24 милиони денари.

Можете да прочитате

Нестабилно со дожд и грмежи, следните три дена пораст на дневната температура

Лазим Дестани: Во спортот нема простор за говор на омраза

„BioCosmos”: Фабриката „Мирана” не е зафатена, пожарот настанал од гром