Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ја посети детската градинка „7 Септември“ во Пехчево. Во градинката реновирани се две занимални, комплетно опремени со нови шкафчиња, маси и столчиња. Реконструирана е оградата на дворот, обновени се бетонските патеки по кои ќе се движат дечињата во градинката, а најмалите ќе си играат на новопоставените меки подлоги и тоа со реквизити кои овозможуваат правилен раст и развој.
„ Детската градинка во Пехчево во моментов има присутни околу 85 дечиња со коишто работат високо-стручни профили на воспитувачи и негователи. Децата учат преку игра, се социјализираат, ги прифаќаат различностите. Предучилишното образование е важна алка во процесот на разојот на децата. Изминативе 4 години изградени или реновирани се вкупно 60 градинки, а конкретно градинката во Пехчево беше реновирана со средства од блок дотациите во износ од 1.7 милиони денари“, изјави министерката Шахпаска.
Директорката на градинката „7 Септември“ Васка Симовска ја информираше министерката Шахпаска дека во установата се почитуваат мерките за заштита од ковид19 и сите вработени веќе се вакцинирани.
Шахрапска информираше дека МТСП будно ја следи состојбата со пандемијата во градинките и во таа насока имајќи го фактот дека претходно во градинките не постоеше трансмисија на вирусот меѓу дечињата, таа очекува и овој бран предизвикан од Делта сојот безбедно да биде надминат со цел враќање на нормалното секојдневие.
На неодамнешната средба на министерката со директорите на градинките од целата држава беше констатирано дека почитувањето на Протоколот за превенција и заштита од ширење на вирусот е основниот заштитен механизам за непречено функционирање на детските градинки. На он – лајн средбата меѓу вработените во градинките со доктори епидемиолози беше расчистена и дилемата во врска со имунизацијата.