„Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ е најновиот проект што започна да се подготвува на сцената на Македонскиот народен театар.
Оваа драма и оваа претстава се занимаваат со рушењето на интимните светови. Сите три лика (Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина) од оваа драма под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет… Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други.
Костимограф на претставата е Ивана Каранфиловска-Угуровска, а сценограф е Ангел Петровски.
Изборот на музиката и адаптацијата е на Оливер Митковски, во претставата се користи и композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски, а како соработник за македонски јазик се потпишува Ѓорѓи Јолевски.
Проектот е во продукција на Перипетија продукција, a во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевски ратни театар — САРТР од Сараево (Босна и Херцеговина).
Бидејќи станува збор за копродукциски проект меѓу два театри, претставата ќе има две премиерни изведби во двете земји. Првата премиера ќе се одигра на 18 септември на сцената на САРТР – Сараево, БиХ, а втората премиера е предвидена за ноември на нашата матична сцена, согласно со протоколарните мерки за заштита од Ковид-19.
Текстот „Нема да биде крај на светот“ – проект со кој МНТ ја почнува новата сезона е превземен од МАКФАКС.