Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, попладнево соопшти уште 17 кандидати за градоначалници од СДСМ на претстојните локални избори.
Во Куманово кандидат за градоначалник е Оливер Илиевски, дипломиран економист, директор на „Водостопанство – Куманово“ и секретар на општинската организација на СДСМ.
„Во Куманово актуелниот градоначалник самиот отиде против себе и партијата и самиот се исклучи од партијата. СДСМ има еден кандидат за градоначалник на оваа општина, тоа е Оливер Илиевски“, рече секретарот Николовски.
Како општина во која имаат предност пред ВМРО-ДПМНЕ и очекуваат сигурна победа, Николовски ја кажа Општина Центар во која за кандидат за градоначалник е избран Горан Герасимовски, сегашен директор на Државниот завод за индустриска сопственост.
Во Ѓорче Петров можност за втор мандат ќе добие Александар Наумовски оти имал голем број реализирани проекти и бил најдобриот предлог со огромен учинок.
Кандидат на СДСМ во Битола, е Христо Кондовски, кого Николовски го претстави како еден од најпознатите стопанственици, успешен човек менаџер, со широка поддршка од повеќе политички субјекти надвор од коалицијата.
„Менџерското искуство ќе биде од корист за трасирање на патот за понатамошен развој на Битола. Води на сите анкети што ги направивме, а СДСМ во оваа општина има предност пред ВМРО во сите истражувања“, рече Николовски.
Соња Стаменкова, психолог, е кандидатка во Македонска Каменица, а во Шуто Оризари кандидат на СДСМ со голема предност е Асан Ферат, приватен стопанственик.
Нов кандидат за градоначалник во Кривогаштани е Николче Мисовски, инженер-агроном, и стопанственик.
Кандидат за градоначалник на Струга е Димче Шипинкаровски, економист, кога Николовски го претстави како човек со 30-годишно искуство во приватниот сектор, но и раководител наподрачната служба на Фондот за здравство кој работел на проектот рецептите да им бидат достапни на пациентите во целиот месец, а не само во првите неколку дена.
Овие кандидати биле утврдени на вчерашната седница на Извршниот одбор на партијата, а кандидатот за градоначалник на Кочани ќе биде соопштен утре.
СДСМ претходно, во два наврата, ги соопшти кандидатите за градоначалници во 51 општина и за Град Скопје. Предложените кандидати се избрани по теренски анализи и испитувања на јавното мислење и по спроведени истражувања внатре во партијата во консултација со 82 илјади членови.