Поранешен менаџер на турнеи на Р. Кели, сведок на обвинителството во судскиот процес против аренби пејачот, во петокот им кажа на поротниците дека Кели платил поткуп од 500 долари да добие лиценца за брак со пејачката Алија, кога имала само 15 години, откако се уплашил дека ја забременил.
Поротата, исто така, го слушна сведочењето na друг поранешен помошник на Кели, Ентони Наваро, кој рече: „Работата кај мојот поранешен шеф беше како да сте во зона на самракот“.
Двајцата сведочеа на третиот ден од судењето на Кели, на кое 54-годишникот познат по хитот I believe I Can Fly, е обвинет за дведецениска шема на рекетирање, во која имал апсолутна контрола врз неговите наводни жртви.
Обвинението детално го опишува наводното злоставување на шест девојки, четири малолетни. Кели, кој се изјасни дека не е виновен, може да се соочи со доживотен затвор доколку биде осуден на судењето во Бруклин. Тој исто така се соочува со кривични пријави поврзани со сексуална злоупотреба во Илиноис и Минесота.
Адвокатите на Кели рекоа дека тужителките го нападнале по успонот на социјалното движење #MeToo против сексуална злоупотреба и вознемирување, во обид да профитираат или да се одмаздат откако нивните врски не успеале.
Деметриус Смит (65), поранешен менаџер на турнеи, рече дека поткупот да добие лажна лична карта за Алија за да може да се омажи за Кели во август 1994 година, бил договорен откако Кели му рекол дека 15-годишната Алија е бремена. Ова му го соопштил кога летал назад во Чикаго по концерт.
Бракот беше поништен по шест месеци. Алија загина во авионска несреќа во 2001 година.