Утрински Весник
Култура

Тетовскиот хор „Менада“ вечерва на „Охридско лето“

Тетовскиот хор „Менада“ вечерва на „Охридско лето“

Претпоследниот концерт од музичката програма на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе го одржи тетовскиот Хор „Менада“ под диригентската палка на Ивица Зориќ, вечерва од 21 часот во предворјето на црквата „Света Софија“.

Хорот „Менада“ е основан 1981 година во Тетово и сите овие години е предводен од маестро Ивица Зориќ. На репертоарот на хорот редовно се застапени композиции од најразлични епохи и стилови од македонската и светската хорска а-капела и вокално-инструментална музика. Хорот е добитник на многубројни награди и признанија во земјава, поранешна Југославија и Европа меѓу кои награди на натпреварите во Добрич, Цеље, Литомишл, Бад Ишл, Превеза, Нерпелт, Краков и Римини. За квалитетот на хорот сведочат бројните настапи на фестивали, конкурси и концертни турнеи и тоа во: Чешка, Полска, Шпанија, Шведска, Холандија, Данска, Португалија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Албанија, Романија, Бугарија, Турција, Германија, Грција, Словенија, Австрија, Белгија, Косово.

Ивица Зориќ дипломира, магистрира и докторира на ФМУ во Скопје, како прв Доктор од областа на интерпретација во Република Северна Македонија. Во македонската и меѓународната културна јавност познат е пред сè како реномиран хорски диригент. Со хоровите „Лале” и „Менада” има остварено повеќе од 1000 настапи во земјава и странство. Како диригент со хоровите настапувал на фестивали, концертни турнеи и конкурси во 17 земји каде освојува бројни награди и признанија вклучувајќи ја и наградата за најуспешен диригент на фестивалот во Хајновка (Полска) во 1999 година. Ивица Зориќ е претседател на управниот одбор на Меѓународниот хорски фестивал „ТЕХО”. Иницијатор е и основач на Балканскиот Хорски Форум во Тетово во 1998 година во кој членуваат претставници од Р. С. Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и Романија. Член е на Европската хорска асоцијација со седиште во Белгија како претставник на Р. Северна Македонија во музичкиот комитет. Во 1979 година ја добива „19 Ноемвриската” награда на Тетово, во 1982 година наградата „Кирил Пејчиновиќ”, во 2005 највисоката државна награда на Р. С. Македонија „11 Октомври” и во 2007 година наградата на Здружението на музички педагози за „Повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија”.

Текстот Тетовскиот хор „Менада“ вечерва на „Охридско лето“ е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“